Пожаране

село во Општина Врапчиште

Пожаранесело во Општина Врапчиште, во областа Горни Полог, во околината на градот Гостивар. Најпознато е по песната „Благуно дејче“, но и по седиштето на метеоролошката станица наменета за поширокиот полошки регион.

Пожаране

Панорамски поглед на Долното Маало на Пожаране, со новоизградената црква Св. Климент во позадината

Пожаране во рамките на Македонија
Пожаране
Местоположба на Пожаране во Македонија
Пожаране на карта

Карта

Координати 41°51′11″N 20°51′56″E / 41.85306° СГШ; 20.86556° ИГД / 41.85306; 20.86556Координати: 41°51′11″N 20°51′56″E / 41.85306° СГШ; 20.86556° ИГД / 41.85306; 20.86556
ОпштинаВрапчиште
Население28 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО07062
Надм. вис.670 м
Пожаране на општинската карта

Атарот на Пожаране во рамките на општината
Пожаране на Ризницата
Селскиот дом на културата
Традиционална архитектура од Пожаране
Спомен чешма во селото

Географија и местоположбауреди

Пожаране е сместено во Горни Полог, северно од Гостивар, на источното подножје на Шар Планина. Се наоѓа на петнаесетина километри од Гостивар и на околу 20 километри од Тетово. Од него води асфалтен пат. Од својата источна страна селото граничи со атарот на селата: Галате и Врапчиште, на запад со Прошовце, од својата јужна страна со Ново Село-Врапчишко и на север со Калиште и Ломница. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 670 метри.

Историјауреди

Во пишувани материјали Пожаране првпат се споменува во 1461 или 1462 година. Но селото е постара населба, поврзана со постоењето на три града, кои од шарпланинските висорамнини на 900 метри надморска висина, се протегале дури до левиот брег на реката Вардар, како соседни на селото Теново. Во вакафот на Мехмед бег се споменува „пат кој води до пожаранските воденици“ и друг „од Калиште до Пожаране“, пожарански лозја, сообраќајница „од Пожаране до разрушената кула“, пожарански шуми. Некои од пишуваните извори за Пожаране биле зачувани во ваковската џамија Ќебир Мехмед-Челеби во Скопје.

Крк клисје, Градиште, Соколец, Климентија, Казаноец, се месности околу Пожаране. За Крк Клисје велат дека потекнува од турскиот јазик како одраз на вековното владение и значело „40 цркви“. Градиште е источно од Пожаране, до подножjето на Шар Планина, се смета дека сè до 1937 година во оваа месност имало кула, а зборот асоцирал на постоење град – голем град Полог. Соколец е култно место во кое се вршеле разни обреди, а особено доаѓале невести кои немале пород, или пак мајки само на женски деца за да им се роди машко. Инаку, во слободен изговор Соколец значел „златна црква“. За Казаноец сврзана е верзија дека тука имало населба, а дивите копачи пронашле казан. За Климентија се смета дека од колено на колено над 1.000 години била пренесувана верзијата дека таму престојувал Св. Климент Охридски.

При одредувањето на границите на овие села, се наведуваат местата: „Долг Камен“ и „Будини Ливади“. Овие места и денес постојат во атарот на село Пожаране. Завештувањето на Кјебир Мехмед Челеби од XV век било во правна сила сè до 1912 година. Споменатата година селани од Пожаране за последен пат дале 10% од своите производи на некојси Нури-Бег од Скопје. Тој ова го трошел за издршка на едно скопско муслиманско светилиште наменето за богослужба.

За Пожаране постојат пишани записи и од 1595-1868 година во кои се наведува дека „селото било чисто православно со околу 60 домови.. Во 1900 година Пожаране имало 106 куќи., со 830 жители од кои 720 биле православни и 110 муслимански“. Тогаш Пожаране во најголемиот дел било населено со православни Македонци. Имало и нешто муслимани кои зборувале албански. Тие потекнувале од поисламизирани Македонци и од прави Албанци.

Во XIX век, Пожаране било село во Полошката нахија во Гостиварската каза на Отоманското Царство.

Вкупно 7 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[2]

Населениеуреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948627—    
1953718+14.5%
1961601−16.3%
1971362−39.8%
1981200−44.8%
ГодинаНас.±%
199175−62.5%
199457−24.0%
200226−54.4%
202128+7.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Пожаране живееле 830 жители, од кои 720 Македонци и 110 Албанци.[3] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пожаране имало 696 Македонци од кои 440 патријаршисти и 256 под врховенството на Бугарската егзархија.[4]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Пожаране е центар на општина од 4 села во Горнополошкиот срез и има 116 куќи со 633 жители, Македонци и Албанци.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 500 Македонци и 100 Албанци.[6]

Во 1961 година, селото броело 601 жител и било средно село, додека во 1994 година бројот се намалил на 57 жители, од кои 47 биле Македонци и 10 Албанци.

Во блиското минато Пожаране имало неколку стотина куќи и претставувало „најголема населба со православно население на овие простори“, процесот на иселување започнал кон крајот на XIX век, а поинтензивното напуштање на селото се одвивало во почетните децении на минатиот век. Токму од тие времиња испеана е и песната „„Благуно дејче““, која била посветена на „преубавата Благуња“ од Пожаране, чие семејство било преселено во Тетово. Пожаранци се иселувале на повеќе страни, а најмногу во Белград, Букурешт, Москва, Киев, како и најблиските Скопје, Гостивар. Во Тетово се иселиле дури 92 куќи.

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 26 жители, од кои 22 Македонци и 4 Албанци.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 28 жители, од кои 20 Македонци, 7 Албанци и 1 лице без податоци.[8]

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[9]

ГодинаМакедонциАлбанциТурциРомиВласиСрбиБошњациОст.б.п.Вкупно
1948627
195360810811718
1961501298601
197126284214362
19811662716200
1991598875
1994471057
200222426
2021207128

Родовиуреди

Пожаране е едно од неколкуте претежно македонски населени села во Горни Полог. Познато е по својата автентична горнополошка носија, а се споменува и во повеќе народни песни како што е познатата народна песна „Благуно дејче“.

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Томевци (12 к.), староседелци. Некој човек од овој род се оженил со Ромка. И затоа ги викаат и Цигани. Имаат иселеници во Челопек, Тетово (едно семејство), Скопје (едно семејство) и во Свилјанац (едно семејство).
  • Јанковци (9 к.) , староседелци. имаат свое посебно родовско маало. Имаат иселеници во Тетово (четири семејства), Белград (едно семејство) и во Букурешт (едно семејство).
  • Јановци (7 к.), староседелци. Имаат иселеници во Тетово (четири семејства), Романија (едно семејство) и во Америка (едно семејство).
  • Ивановци (1 к.), староседелци. Имаат иселеници во Тетово (две семејства), Скопје (две семејства) и во Бугарија (едно семејство).
  • Бушевци (3 к.), староседелци. Имаат иселеници во Тетово (две семејства) и во Букурешт (две семејства).
  • Милчевци (1 к.), староседелци. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Русија (едно семејство).
  • Бучковци (5 к.), староседелци. Имаат свое посебно родовско маало, а за нив истражувачот П. Јовановиќ запишал дека можно е да потекнуваат од местото Радомир на падините на планината Кораб во северна Албанија. Имаат иселеници во Галате (едно семејство), Тетово (едно семејство), Скопје (едно семејство) и во Белград (три семејства).[10]
  • Ѓозовци (1 к.). дошле од селото Шуљ во Љума во Албанија, од каде избегале поради крвна одмазда каде најпрвин привидно се „потурчиле“ па се доселиле во Прошовце (Горното Маало) каде продолжиле да живеат како православни, а откако тамошните услови за живот им се влошиле пред 140 години се доселиле во Пожаране. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство) и во Неготин (две семејства).
  • Ремедовци (3 к.). потекнуваат од калајџии кои од некаде се доселиле во Пожаране.
  • Чавдаровци (7 к.) најпрвин чувале стока на Шар Планина па пред околу 200 години, постојано се населиле во Пожаране. Се знае следното родословие: Андон (жив на 70 години во 1947)-Спиро-Андон-Дамјан чиј татко се доселил. Имаат иселеници во Здуње (Јаковлески), Тетово (едно семејство), Скопје (пет семејства), Крагуевац (едно семејство), Бугарија (едно семејство) и во Романија (две семејства).
  • Карлучовци (2 к.) по потекло се од блиското село Галате.
  • Печовци (5 к.) потекнуваат од местото Печ во околината на Пешкопеја во Албанија. Имаат иселеници во Тетово (две семејства) и во Белград (едно семејство).
  • Смилковци (5 к.) по потекло се од соседното сега пусто селиште Катрање. Имаат иселеници во Тетово (две семејства), Куманово (едно семејство) и во Истанбул (три семејства).
  • Кироски (1 к.) по потекло се од Жеровјане.[10]
  • Ѓолевци (2 к.) се стари доселеници од Радомир или Чаја во северна Албанија. Имаат иселеници во Тетово (пет семејства), Скопје (две семејства) и во Белград (две семејства).
  • Волчевци (17 к.) се доселиле како „шест куќи“ пред околу 180 години од селото Прошовце. Се знае следното родословие: Јаков (жив на 72 години во 1947)-Тофил-Смилко-Петре чиј татко се доселил. Имаат иселеници во Тумчевиште (едно семејство), Скопје (едно семејство) и во Романија (три семејства).
  • Бошковци (1 к.) се доселиле пред околу 120 години од Прошовце. Основачот на родот Ангелко во Прошовце бил свештеник и имал брат Змејко за кого се велело дека е „силен и јак како змеј“, поради што Албанците не смееле да го напаѓаат родот, но еднаш додека тој бил на пазар во градот тие го нападнале Прошовце и ја отерале стоката на планина, по што тој јурејќи на коњот ги стигнал и отворил борба во која загинал, по што кога дознале неговите роднини се иселиле во Пожаране. Имаат иселеници во Скопје (две семејства), Неготин (едно семејство) и во Софија (едно семејство).
  • Коруновци (2 к.) дошле во исто време кога и Бошковци, исто така од Прошовце. кога било „потердија“ (зулум). Имаат иселеници во Зубовце.
  • Степановци (2 к.) доселени се од Прошовце. Имаат иселеници во Галате и во Скопје (пет семејства) [10].

Општествени установиуреди

Црквата „Св. Никола“ во Пожаране

Според историчарот Веле Коцески, од многуте цркви што некогаш постоеле, денес има само три – „Св. Никола“, „Св. Климент“ и „Св. Илија“. Според него имало три манастири, а бројот на црквите за кои постоеле и материјални остатоци се искажувале со десетици. Едниот од манастирите што се наоѓал „Напесок“ бил разрушен од турскиот башибозук, некаде во 1700 година, како одмазда за тоа што жителите на Пожаране и на блиската околина, биле наклонети на Карпошовото востание (1689 година). Вториот манастир се наоѓал во месноста Соколец и бил посветен на Вознесението Христово. Во негова непосредна близина имало и црква што ја нарекувале „Златна Црква“. Овие културни објекти биле разрушени некаде во XIX век. Третиот бил посветен на св. Климент Охридски. Постоеле хипотези дека овој манастир се наоѓа некаде во Западна Грција, други тврделе во местото Девол во Албанија, а трети по течението на реката Треска, која се викала Велика, по што Климент бил наречен како епископ Велички. Истражувањата на Веле Коцески се дека ваков манастир имало во Пожаране, во месноста Климентија и дека веќе била покрената иницијатива за негова обнова. Тука е и месноста Казаноец, која низ вековите била нарекувана како Велика или Дреница. Овде во турско време „бил пронајден казан со пари“, што го ископале диви копачи.

Цркви[11]
Археолошки наоѓалишта[12]
Друго
  • Долна Локва - палеонтолошко наоѓалиште;

Личностиуреди

Познатата пожаранка Благуња Бошњакоска (1889-1956), родум од Пожаране, а живеела во Тетово, која е опеана во народната песна Благуњо дејче

Во периодот на кралска Југославија честа да бидат избрани во Тетово како пратеници ја имале пожаранците Столе Димитриевиќ - Ренто и Марко Петровиќ. Некогашниот претседател на југословенската влада од тој период Петар Живковиќ, имал потекло од Пожаране. Таков е случајот и со амбасадорите Александар Џоловиќ и неговиот брат. Од Пожаране се и Синиша Станковиќ, академик во Српската академија на науките и уметностите, како и Премче Пандиловски, познат Илинденец, како војвода во Илинденското востание. Ова шарпланинско село дало и повеќемина универзитетски професори како Раде Петровски, Бранко Петроски, Блага Петреска и други. И Веселин Пандиловски, некогашен градоначалник на Тетово, бил од Пожаране.И во периодот на војната 1941-1945 година Пожаране дало значаен придонес со активно учество во НОВ. Во спомен на партизаните од селото, на една чешма е поставена мермерна плоча. Од ова време се споменува и името на Блажо Даневски - Шарпланински, како учесник во партизанското движење од неговиот почеток, па се' до ослободувањето. Тој бил и во заточеништво, а подоцна одликуван со „Сребрена ѕвезда со зраци“.

  • Игњат Крстевски (21 декември 1906 – 1980) - македонски градежен инженер
  • Гаврил Атанасов - ІІI ополченска дружина, починал во 1918 г.[14]
  • Георги Атанасов - ополченец ІІI ополченска дружина, починал во 1918 г.[14]
  • Веле Коцески - историчар;

Култура и настаниуреди

Галеријауреди

Наводиуреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  3. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 213.
  4. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 124-125.
  5. Селищев, Афанасий. Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии, София, 1929, стр. 26.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  10. 10,0 10,1 10,2 Ф. Трифуноски, Јован (1976). Полог (антропогеографска проучавања) (српски). Српска академија наука и уметности. стр. 2620–266.
  11. Кипроски, Киро (22 октомври 2010). „Во селото на Благуња пожаранката“. Утрински Весник. Посетено на 2011-03-28.
  12. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  13. Алексова, Б., Средновековни наоѓалишта во Полозите, Гласник на Институтот за национална Историја, III-1, Скопје 1959
  14. 14,0 14,1 Македонците в културно-политическия живот на България. Анкета от Изпълнителния комитет на Македонските братства, Книгоиздателство Ал. Паскалев и с-ие, София, 1918, стр. 35.
  15. Манифестацијата „Да пошараме до Пожаране“ привлече стотина планинари

Надворешни врскиуреди

🔥 Top keywords: Главна страницаВирусСпецијална:БарајМакедонски претседателски избори (2024)Еврејски празнициМакедонски парламентарни избори (2024)МакедонијаGmailМакедонски парламентарни избори (2020)Робинзон КрусоАнгкор ВатКарлес ПуџдемонБратиславаОче нашГоце ДелчевСкопјеЛетно сметање на времетоХепатит ЦСписок на македонски народни поговоркиАнтичка МакедонијаМочуриштеБалканска приказна (ТВ-серија)Бор (град)Локални избори во Македонија (2021)Народна Република КинаИзборна единица 5Мирко ПоповСвети Кирил и МетодијИзборни единици во МакедонијаХристијанизација на Киевска РусијаКамбоџаМинистерство за животна средина и просторно планирањеДевојка со бисерна обеткаИзборна единица 1Гај Јулиј ЦезарКалендар на Велигденски датумиКочо РацинМајка ТерезаИзборна единица 2ПеперугиВојскаБитолаИзборна единица 3Скратеници во македонскиот јазикВелигденФК Манчестер СитиСпоменка (книга)ЕвропаСјогренов синдромЛехово (Леринско)Џ. Р. Р. ТолкинЗагребСкржавецот (Плавт)Википедија:Авторски праваМакедонци-муслиманиДаниел ДефоЖивко МукаетовАнтифашистичко собрание на народното ослободување на МакедонијаШтрковиРимска уметностМакедонскиСтар ЕгипетЛионел МесиСписок на повикувачки броеви на земјитеСписок на планини во МакедонијаГригор ПрличевДемократска партија на Турците на МакедонијаГеографија на МакедонијаТартифСредоземно МореДржавни празници во МакедонијаИлинденско востаниеАвтомобилски регистарски таблички во МакедонијаЕгипетИзборна единица 4КошаркаМакедонска револуционерна организацијаЛазар Ристовски (глумец)Даме ГруевПодметИзборна единица 6Алиса во земјата на чудатаМодул:ArgumentsСмртност на доенчињаПрво заседание на АСНОМГолеми и мали (роман)ИменкаСписок на градови во МакедонијаБалтиморРак на белите дробовиСтругаМојот звукОпштини во МакедонијаИзбори во МакедонијаЕлена ЗагорскајаИнфективна мононуклеозаВардарПиреј (роман)Јане Сандански